Обвинителството побара притвор за дедото кој го уби зетот во самоодбрана
Основното јавно обвинителство Битола поведе истражна постапка за кривично дело убиство за дедото за кој првично се мислеше дека го убил зетот во своја и во самоодбрана на својата ќерка.
Дедото вчера изутрина со пиштол го уби поранешниот зет во Битола, откако овој со мачета насила му упаднал во семејната куќа и ѝ се заканувал на поранешната сопруга, ќерка на осомничениот. Убиен е 44-годишниот битолчанец Стојанче С.
- Осомничениот, на 21 феавруари, со умисла го лишил од живот неговиот зет за ќерка. Според првичните сознанија, сега починатиот, вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол „Бајкал“ што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па оштетениот веднаш паднал и починал на лице место, тврди Обвинителството.
По настанот, јавен обвинител изврши увид и издаде наредби за обдукција на телото на починатиот, за прибирање траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, како и за обезбедување на снимки од видеонадзор на објектот.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да влијае врз сведоците.
