Обвинителството отвори предмет против негувателката од велешката детска градинка
Основното јавно обвинителство Велес оформи предмет по допрен глас за да се проверат информациите дека негувателка во детската градинка „Димче Мирчев“ Велес им давала да пушат електронска цигара на децата од нејзината група.
„Во насока на испитување на евентуални основи на сомнение за кривично дело на запуштање и малтретирање дете, надлежен јавен обвинител издаде наредби и насоки до МВР за преземање на дејствија кои вклучуваат да се извршат разговори со лица (вработени и родители) кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот. Се преземаат и други дејствија, а предметот е во фаза на предистрага“, информираат од ОЈО.
Родители на неколку деца од градинката „Димче Мирчев“ од Велес тврдеа дека негувателка во клонот Дворови им понудила на децата да пробаат од нејзината електронска цигара, а децата пробале од љубопитност.
Настанот се случил на 29 септември кога негувателката останала сама со групата деца во занимална и наводно им понудила да пробаат електронска цигара.
Одржан беше и родителски состанок на кој е објасно што ќе преземе градинката преку дисциплинската постапка која е во тек.
Случајот го осуди и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.
