Обвинителството ќе ја испитува исправноста на автобусот на ЈСП
Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и презема дејствија за испитување на инцидентот со автобусот на ЈСП чиј возач на 8 јули изгуби контрола врз возилото и удри во бетонска жардиниера на булеварот “Гоце Делчев”. Со повреди се стекнаа возачот на автобусот и двајца патници,
Иницијативата на Обвинителството е врз основа на поднесено писмено известување од МВР-СВР Скопје Одделение за увиди на сообраќајни незгоди.
Откако автобусот на ЈСП се удри во жардиниера во Скопје, пред медиумите изјави даваа и возачот но и лица од синдикатот на ЈСП, со тврдење дека принудно морале да го возат неисправен.
„Надлежниот јавен обвинител ќе ги испита и наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП Скопје, во поглед на исправноста и одржувањето на автобусот со кој се случи незгодата.
За таа цел е ангажирано вешто лице од областа на машинството и издадена е наредба за преземање мерки до МВР – Биро за јавна безбедност да обезбеди податоци и документација од ЈСП Скопје во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот, како и организацијата на работниот процес. Согласно наредбата, во присуство на вештото лице ќе се изврши проверка на исправноста на автобусот. Дадени се насоки да се извршат и разговори со лица кои имаaт сознанија за настанот“, соопшти ОЈО.
