Обвинителството ќе истражува дали Иванов е вмешан во настаните од крвавиот четврток
Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе ја испитува вмешаноста на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, и советникот за безбедност во неговиот кабинет Синиша Алексовски и на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во крвавите настани во Собранието на 27 април.
Деновиве Кабинетот на Иванов се конфронтираше со Живаљевиќ, кој тврдеше дека имал дозвола за присуство во Собранието на крвавиот четврток и дека тоа не било тајно или недобронамерно.
Српскиот разузнавач Живаљевиќ во средата изјави дека бил присутен во Собранието на 27 април со дозвола од Кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот Синиша Алексовски.
Кабинетот на Иванов истата вечер соопшти дека македонските служби не побарале услуги од него. Одговорија дека Живаљевиќ по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и до посочениот советник Синиша Алексовски дека бил во Собранието, но „со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување“.
„Со нетрпение очекуваме одговор од обвинителството за улогата на г. Живаљевиќ во настаните во Собранието. Јавноста треба да знае кој го пратил, што превземал, со кого бил и дали имал одобрение од надлежен државен орган за влез во Собранието на критичниот ден“- велат од претседателскиот кабинет.
Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов го поздравува интересот на јавното обвинителство за случувањата во собранието на 27 април, бидејќи, велат од таму, треба да се утврдат фактите и вистината, наместо да се шират лажни вести и информации.
