Обвинителството ја продолжува истрагата за аферата со мазутот
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција објави дека продолжува со истрагата за перење пари и местење тендери за продажба на мазут од страна на бизнисмени и нафтени компании, во соработка и со помош на директори и вработени во Електрани на Македонија.
Од 11 март Капушевски, Сулковски и Муча се во притвор, а три дена подоцна им се придружи и Асмир Јахоски, по реакцијата во јавноста откако Обвинителството и Судот го поштедија со куќен притвор. Други седум се со мерки на претпазливост, одземени им се пасошите и се должни да се пријавуваат во суд.
Според Обвинителството, фирмата на Капушевски – РКМ била фаворизирана и со лажни документи добивала тендери за набавка на мазут, каде принципите на пропорционалност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори не се почитувани во постапката.
