Обвинителство поведе истрага и против сопственикот на објектот на дискотеката „Пулс“ во Кочани
Основното јавно обвинителство Кочани ја прошири истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде изгореа 62 лица, со тоа што го вклучи и сопственикот на самиот објект кој му го издавал на правното лице што го менаџирало кабарето.
Ова лице, како што извести ОЈО Кочани, е осомничено како соизвршител за тешки дела против општата сигурност. До судијата на претходна постапка доставен е предлог за определување мерки за претпазливост.
„Од дејствијата преземени во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот, како сопственик на недвижниот имот – објект во кој со години функционирала дискотеката, го издавал под закуп на еден од претходно осомничените. Без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со осомничениот неформален сопственик на правното лице, тој на различни датуми и во повеќе наврати во временскиот период од 2012 година до месец март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот од намена Г3 – сервиси и сообраќајна инфраструктура во намена Б3 – големи угостителски единици и овозможил во објектот незаконски да се врши угостителска дејност дискотека/ кабаре“, објави Обвинителството.
