Обвинителот на СЈО ја објави пријавата против Арслани: Јасно е кој е „каурот“
Специјалното јавно обвинителство ја објави пријавата на обвинителот Гаврил Бубевски кон Мефаиљ Арслани за загрозување на сигурноста, откако адвокатот на Ејуп Алими, пратеникот од ДУИ обвинет во случајот „Титаник“, посреднички му испратил закани.
„На 10-ти ноември 2018 година на паркинг просторот пред Трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, пријавениот Мефаиљ Арслани кој е бранител на обвинетиот Ејуп Аљими во судскиот предмет кој се води пред Основен суд Скопје I Скопје ја загрозил сигурноста на оштетениот Гаврил Бубевски, службено лице – Јавен обвинител во Специјалното јавно обвинителство, кој во вршење на службата постапува како обвинител во наведениот предмет, со сериозна закана дека ќе нападне врз неговиот живот и тело и животите и телата на лицата од неговото семејство, на начин што во моментот додека сведокот Артене Исеини го управувала сопственото патничко моторно возило во кое совозач бил сведокот Фатиме Фетаи и се обидувале да пронајдат празно паркинг место пред ТЦ „Мавровка“ го здогледале пријавениот Мефаиљ, по што сведокот Артене Исеини го отворила прозорот од кај возачката страна за да го поздрават и само што сведоците му рекле „добар ден Мефо, што правиш, како си“, истиот, агресивно, на висок тон, со сериозност во гласот им се обратил со зборовите „абе, евее, не знаеме што да ѝ правиме на оваа пошто е наша“, покажувајќи со рака кон сведокот Фатиме Фетаи, „а на тој каурот матер ќе му расплачеме, фамилија ќе му е*еме“, закани кои биле насочени кон оштетениот – Гаврил Бубевски, како обвинител кој заедно со јавниот обвинител – сведокот Фатиме Фетаи постапува во предметот против обвинетиот Ејуп Аљими, чиј бранител во постапката е пријавениот Мефаиљ Арслани“, се вели во пријавата.
Како докази се земени сведоштвата на Фатиме Фетаи и Артене Исеини, а се смета дека Алими е инволвиран бидејќи заканите се упатени од множина. За Алими е побарана мерка притвор.
„Ова е уште еден доказ за личноста на Ејуп Аљими и сериозноста на намерите на пријавениот како негов бранител, имајќи предвид дека заканите се кажани во множина и укажува на инволвираност и на Ејуп Аљими.
Очигледно е дека мотивацијата за овие закани искажани од пријавениот Мефаиљ, со таа количина на омраза кон оштетениот Гаврил Бубевски и сериозност на кажаното произлегува токму од фактот што против Ејуп Аљими се води кривична постапка, по потврден обвинителен акт од страна на судот по споменатото обвинение. Во тој предмет еден од обвинителите е оштетениот Гаврил Бубевски, и основано се очекува задоволување на правдата за стореното од страна на Ејуп Аљими, иако според негово поведение, истиот се однесува како недопирлив за правдата. Впрочем, од досегашното однесување на правосудниот систем не му е без основа таквото однесување, и затоа е целокупната омраза кон „нашата“, на која ѝ простиле заради таа припадност и на „каурот“, на кого треба да му плаче фамилијата. Од зборот „каур“, а во контекст на сето ова, јасно се влече заклучокот спрема кого се насочени заканите и поголема аргументација се чини е непотребна.
Впрочем и насилниот начин на одземањето на записниците од изборите и гласањето, од сведокот Р.Б. кое го опишувааат сведоците дека е извршено од обвинетиот Ејуп Аљими во наведениот предмет, доволно говори за неговата личност, и сведокот Р.Б. во својот исказ наведува дека е исплашена да сведочи пред обвинетите, бидејќи е исплашена и за својата безбедност и за безбедноста на својот татко. Истото го потврдува и сведокот Ќ.Т. и пред јавниот обвинител и на записник за главна расправа од 14.12.2018 година. Од ова очигледно е дека луѓето кои го познаваат Ејуп Аљими се плашат од него, што укажува на исполнување на сето неправо кое го бара кривичното дело – Загрозување на сигурноста“, се додава во пријавата.
Бубевски бара притвор за Алими но само ако се пронајдат цврсти докази дека ги нарачал заканите и бара да се прибават листинзи од телефонските оператотори од контактите на пријавениот со лица и листинзи за негова интернет комуникација.
