Обвинителот Лазаревски: Немаме ресурси како СЈО, но можеме да парираме
Jавното обвинителство има капацитет да постапува по сите предмети, иако не располага со ресурсите што ги има Специјалното јавно обвинителство во делот на материјално финансиската состојба и кадровска пополнетост, вели во интервју за МИА Бодан Лазаревски, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија – координатор за односите со јавноста во јавните обвинителства.
Тој додава дека предметите на СЈО од страна на јавноста се следат со посебен интерес и оти ЈО го почитува тоа.
– Токму затоа, постапувањето во такви предмети подразбира и поголема отвореност и тоа претставува дополнителен товар, но свесни за потребата ќе се соочиме и тоа за нас не е пречка. Напротив, токму обезбедувајќи транспарентност во постапувањето и по вакви предмети, јавното обвинителство ќе ѝ покаже на јавноста дека ние сите сме обвинители и сите работиме по исти закони, дека разлики нема – вели Лазаревски.
