Обвинителката Ленче Ристоска ја тужи ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски
Обвинителката Ленче Ристоска поднесе тужба против политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека ги користи сите институционални механизми кои и се на располагање и дека недозволиво е било кое обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител.
„Јас ќе ги преземам сите институционални механизми кои ми се на располагање, бидејќи е недозволиво кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Поднесов и тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и за премиерот, како што е јавно објавено известување до Советот на јавни обвинители, како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави Ристоска.
Таа претходно побара и јавно извинување од премиерот Христијан Мицкоски поради навреди и дисквалификации. Советот на јавни обвинители веќе најави дека ќе ја разгледува иницијативата. Од Владата тогаш рекоа дека премиерот не ја споменал обвинителката и дека не знаат како таа се препознала.
Предметот за перење пари за кое ги гонат поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ на чело со екс премиерот Никола Груевски застарува дури во 2035 година и поради тоа обвинителката Ристоска вели дека нема да се откаже од гонење.
Oд ВМРО-ДПМНЕ велат дека обвинителката Ленче Ристоска беше дел од СЈО, кое заврши со криминален скандал и рекетарска мрежа вредна неколку милиони евра.
