ОБВИНИТЕЛИТЕ НА НОЗЕ - заканите кон Јовески не не плашат, ќе продолжиме со гонење на оние што прават кривични дела
Здружението на јавните обвинители денеска се огласи преку соопштение, во кое велат дека најостро ги осудуваат последните закани упатени кон јавниот обвинител на земјава.
„Заканите кон него, како највисок во јавнообвинителската хиерархија, претставуваат закана кон целата институција и сите носители на јавнообвинителската функција. Вакви закани од било каде и од било кого да доаѓаат, најблаго речено се нецивилизациски чин и се во спротивност со сите меѓународни акти и востановени стандарди за функционирањето на јавното обвинителство во секоја правна држава“, се вели во соопштението од Здружението на јавни обвинители.
Оттаму додаваат дека Јавното обвинителство како институција има интегритет и сила, преку носителите на јавнообвинителската функција, со правни средства да се бори против сите облици на криминалитет.
„Во извршувањето на функцијата на кривично гонење на сторителите на кривични дела, никој и со никакви средства не може да го спречи јавното обвинителство, а уште помалку да го поколеба во извршувањето на неговите уставни и законски надлежности“, се вели на крајот во писмениот допис до јавноста од Задружението на јавни обвинители.
Како што веќе пишувавме, обвинителот Љубомир Јовески деновиве добил закани по својот живот поради конкретен предмет во кој постапува обвинителството.
„Ќе те убиеме многу брзо ако не ги ослободиш новинарите од телевизија „Алфа“, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ“. Вакви закани преку препорачана пратка вчера добил републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Пратката, како што соопштуваат од обвинителството, била пратена од Пошта Битола на 17 јануари, а двете писма што му стигнале се напишани на македонски и на англиски јазик.
