Обвинители заминале во Косово да бараат докази за скандалот со Онкологија
Тим од обвинители од Јавното обвинителство вчера со колеги од Косово оствариле средба заради обезбедување докази во врска со предистрагата за работењето на Клиниката за радиотерапија и онкологија наодите дека скапи лекарства од таму се продавале на косовскиот црн пазар.
„Од косовските органи, преку контакт-точките во Европската правосудна мрежа, се побарани конкретни податоци неопходни за проверка на наводите врз основа на кои беше отпочната предистрагата. Притоа, косовските обвинители изразија подготвеност за соработка и за обезбедување на потребните податоци“, објави Обвинителството.
Од таму најавуваат дека најверојатно слична ваква средба ќе биде организирана и во обвинителството во Албанија и дека во меѓувреме секојдневно се вршат распити на пациенти и нивни блиски, на стручни медицински и на други лица кои би можеле да имаат определени сознанија.
„Министерството за здравство до Јавното обвинителство го достави извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој се однесува на работата на Клиниката за онкологија.
Исто така, по наредба на јавните обвинители, во тек е финансиска истрага, како и детално вештачење на економско-финансиското работење на Клиниката кое го врши тим од вешти лица, ревизори од Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување“, додаваат од таму.
