Обвинетите за киднапирањето на Самоил Костадиновски добија осум години вкупна казна затвор
Виктор Милановски и Саша Челичиќ добија вкупно осум години затворска казна, пресуди денеска кривичниот суд во Скопје, откако помогнаа да биде киднапиран Самоил Костадиновски, познат уште по тоа дека е внук на политичарот Њубе Бошковски, а кој патем сеуште не е пронајден.
Виктор Милановски и Александар Трпков, кој е недостапен на органите за прогон, се виновни затоа што на 3 март 2023 на улица „Христо Татарчев“ во Скопје, заеднички извршиле грабнување со закана дека ќе го лишат од живот оштетениот Самоил Костадиновски, да се плати претходно украдената наркотична дрога - роба, за која оштетениот требало да ја плати но не ја платил и не ги предал паричните средства, додека, обвинетиот Саша Челикиќ со умисла им помогнал во извршување на кривичното дело грабнување.
- Согласно овие цитирани членови судот првообвинетиот, Виктор Милановски, го осудува на казна затвор во траење од пет години и десет месец во која му се смета и притворот од 13.3.2023, а на обвинетиот Саша Челикиќ му се определува казна затвор од две години и два месеци, во која му се смета и притворот од 13.3.2023 до 11.7.2023 година, рече судијката.
Со возилото обвинетите го однеле оштетениот на непознато место спротивно на неговата волја. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.
Со цел да се прикријат трагите, возилото со кое е извршено кривичното дело и во кое последен пат бил виден оштетениот, било опожарено во Драчево.
