Обвинетиот за сериските убиства во Старо Нагоричане, Трајко Бојковски негираше вина
На судењето за сериските убиства кои се случија во Старо Нагоричане, во моментот кога присутните во судницата очекуваа дека обвинетиот Трајко Бојковски ќе признае вина за убиството на 4 жени и обидот за убиство на уште 2, тој го смени исказот даден во истрагата и негираше вина.
По ова, неговиот адвокат Драган Трајковиќ се откажа да го брани, а судијата Мирсад Сурои од Основниот суд во Куманово го одложи судењето за крајот на август. Иако неговиот адвокат претходно најави дека ќе ја признае вината за делата, обвинетиот пред судот кажа дека не се чувствува виновен.
Јавниот обвинител Љубомир Лапе рече дека доказите ќе покажат дека обвинетиот со умисла ги нападнал жените, кои според обвинението биле избирани затоа што биле сами, стари и немоќни.
Според обвинението, делата се случувале во период од јануари 2025 до февруари 2026 година. Првата жртва била убиена во селото Клечовце во јануари 2025 година. Следното убиство се случило во Драгоманце во јуни истата година. Во обвинението се опфатени и два обида за убиство во Челопек, како и убиствата на Марија Маринковска и Мира Станковска.
фото принтскрин
