Обвинети 13-мина за пукањето и убиството во Мала Речица
Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против 13 лица за учество во вооружениот инцидент во Мала Речица, што се случи на 5 април годинава, во кој едно лице го загуби животот, а неколкумина беа повредени.
– Против четири лица е поднесен обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор, со кој едно лице се товари за кривични дела „убиство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од Кривичниот законик. Три лица се товарат за кривични дела „убиство во обид“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.
Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово предложи на тројцата обвинети кои се лишени од слобода, како и на еден обвинет кој и натаму е во бегство да им биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата против нив.
