ОБВИНЕНИЕ ЗА УБИСТВОТО НА НЕСРЕЌНИОТ ЧОВЕК КОЈ РАЗДВОЈУВАШЕ ДВАЈЦА ВО ТЕПАЧКА - се бара и продолжување на притворот
Основното јавно обвинителство Кавадарци поднело Обвинителен акт против едно лице за кривично дело - Убиство според член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Станува збор за убиството на кавадарчанецот кој настрада само затоа што се обиде да раздвои други двајца во меѓусебна тепачка, и притоа бил прободен со нож.
„Обвинетиот, на возраст од 46-години, лишил од живот едно лице, нанесувајќи му два убоди со нож во пределот на градите. Настанот се случил на 15.11.2021 година, при меѓусебна тепачка на обвинетиот со трето лице, во дворот на куќа на улицата „Методија Џунов Џикот“ во Кавадарци. Оштетениот се обидел да ги раздвои. Меѓутоа, обвинетиот му нанел повреда – убоден канал во срцето, па оштетениот починал на пат кон болница“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Кавадарци достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.
