Обвинение за организаторите на „27 април“, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски излегуваат од притвор?
Основното јавно обвинителство соопшти дека се отворени четири обвиненија за организирање на крвавите настани во Собраснието на фамозниот „27 април“ пред две години. Според досегашните сознанија, предистражна постапка се водеше за осомничените поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, некогашниот собраниски спикер Трајко Велјановски и екс-директорот на УБК, Владимир Атанасовски, како достапни за органите. Како недостапни, а наедно осомничени досега беа поранешниот премиер Никола Груевски и Никола Бошковски од УБК, но за нив засега нема обвинение бидејќи се надвор од дофат за обвинителството.
„По повеќемесечна сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Кривичниот суд Скопје, поднесе обвинителен акт против четири лица. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За две лица, кои во моментов се недостапни на органите на прогонот, постапката е запрена до нивно пронаоѓање“, се вели во соопштението на ОЈО.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на мерката куќен притвор за еден од обвинетите, додека за двајца обвинети предложи определената мерка притвор да биде заменета со мерка куќен притвор.
Во соопштението од ЈОРМ не се посочува идентитетот на четворицата обвинети за организирање на собраниските настани на 27 април 2017.
За насилствата во Собранието, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица.
