Обвинение против Игор Јанушев и Миле Јанакиески за набавката на кинеските автобуси
Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција покрена обвинение против поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и екс-директор на ЈСП, Игор Јанушев, и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и против уште две лица за набавката на кинеските автобуси.
Како што е наведено, обвинетите ги искористиле своите функции и спротивно на Законот за јавни набавки, незаконски ја фаворизирале кинеската фирма и склучиле договор за набавка на 202 двокатни автобуси, со што нанеле штета од 4.772.920 евра.
„По три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година, во месец февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка. При отварање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуси од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) и Ј.Ј.А.(62) како членови на
Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот М.Ј.(43) , постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отварањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000 како што било пропишано во тендерската документација. Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р.Бугарија била за 4.772.920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него“, велат од Обвинителството.
Јанушев, Јанакиески и останатите се гонат за злоупотреба на службена положба и овластување. Договор за купопродажба на автобусите изнесувал 35.425.410 евра.
