„ОБСЕ Е НА РАБОТ НА БЕЗДНА, МОЛДАВИЈА Е СЛЕДНАТА ЖРТВА ВО ХИБРИДНАТА ВОЈНА НА ЗАПАДОТ ПРОТИВ РУСИЈА“: Лавров имаше жесток говор во Скопје
Шефот на руската
дипломатија кој присуствува на пленарната седница на 30. Министерски совет на ОБСЕ
во Скопје имаше жесток говор и силни критики кон организацијата за безбедност и
соработка.
-Иднината на организацијата сега е загрозена, главно поради акциите на западните држави, изјави рускиот министер за надворешни работи. ОБСЕ се најде во тешка криза, а нејзината иднина е нејасна. Вие сте виновни што ја доведовте оваа поделба на организацијата, самите иницијатори на оваа идеја ја убиваат ОБСЕ. За нас беше традиционално да одржуваме позитивни говори, но тоа веќе не се случува, бидејќи ОБСЕ стана алатка на Европската Унија, нагласи Лавров во неговото обраќање.
Тој потсети дека ОБСЕ е во крајно лоша состојба и на работ на бездна, односно дека е уништена уште во 1999 година.
-Земјите од НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ. Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и на ОН.
Тој потсети дека за нешто повеќе од една година Хелсиншкиот Завршен акт ќе наполни 50 години и во оваа насока тој рече дека „со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни“.
Во однос на на санкциите кои Западот и ги воведе на Русија во неверојатна сума, Лавров истакна дека, обидувајќи се да ја урнат руската економија, САД и нивните европски партнери воведоа илјадници санкции кон Русија.
-Со тоа ставија крај на широката соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион“, рече првиот дипломат на Руската федерација.
Што се однесува пак до Украина, Лавров рече дека Европа ги отвора вратите кон нацистичкиот режим на Киев и посочи дека Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.
Седницата на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ, во која членуваат 57 земји, се одржува денеска и утре во Скопје. Се очекува учесниците да разговараат за безбедносните прашања на европскиот континент.
А. Б.
ФОТО: Вангел Тануровски