Објавени антикорупционерите со најголем број на бодови за следната комисија
Собранието го објави списокот на пријавени кандидати за нови антикорупционери со најголем број на бодови.
За нови членови на Државната комисија за спречување на корупција се пријавија 42 кандидати, а новиот состав ќе започне со работа од 8 февруари 2024.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата до крајот на неделава треба да ги избере седумте нови членови на Државната антикорупциска комисија. Списокот потоа треба да биде одобрен и на пленарна седница во Парламентот.
Кандидатите беа претходно интервјуирани и според оценката објавена на веб-страницата на Собранието, на врвот на листата е Татјана Димитровска, вработена во Државната ревизија. Таа наедно е предложена да биде претседателка на новиот состав на ДКСК.
На второ место е судијата Софија Спасова Медарска, па следуваат двајцата советници на „Антикорупциска“, Билјана Каракашова Шулев и Бесник Џемаили.
По нив се ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Сервет Демири, па адвокатите Владимир Клековски и Сузана Јошевска Атанасовска.
Список на кандидати за Антикорупциска комисија
- Татјана Димитровска – 76 бодови
- Софија Спасова Медарска – 75,86 бодови
- Билјана Каракашова Шулев – 74,28 бодови
- Бесник Џемаили – 74,14 бодови
- Зоран Богоевски – 73,57 бодови
- Цвета Ристовска – 70,57 бодови
- Сервет Демири – 67,28 бодови
- Владимир Клековски – 65,57 бодови
- Сузана Јошевска Анастасовска – 65,43 бодови
Комисијата што го направи изборот ја сочинуваа пратеници од власта и опозицијата, претставници на Народниот правобранител и претставници на Советот за соработка меѓу власта и невладините организации.
