Објавен тендерот за изработка на решение за Дом на спортови
Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор го објави тендерот за изработка на архитектонско урбанистичка планска документација за Дом на спортови во Скопје што во 2020 треба да се гради во општина Аеродром.
- Оваа јавна набавка е согласно планот за јавни набавки на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката. Право на учество имаат сите странски и домашни правни или физички лица или група такви лица-понудувач кои се регистрирани за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот. Рангирањето на понудувачите ќе се врши според квалитетот на понуденото решение и цената на понудените цени, соопшти АДИССДП.
Со овој објект треба да се обезбедат услови за непречена работа, функционирање на спортските федерации и подигнување на спортскиот стандард и условите за работа на спортските субјекти во државата.
Станува збор за инфраструктурен објект во скопската населба Јане Сандански, на просторот помеѓу спортскиот центар (СЦ) „Јане Сандански“ и новоотворениот хотел „Хилтон дабл три“, на површина од 23.000 квадратни метри.
За првиот дел од работите на домот на спортовите од буџетот на Република Македонија веќе се обезбедени 75 милиони денари (околу 1,25 милион евра), по што за следната фаза ќе се обезбедат дополнителни средства во етапни фази.
Станува збор за повеќенаменска зграда на четири ката, во која ќе бидат сместени македонските олимписки спортски федерации и уште неколку други федерации, вкупно 35, кои со години мака мачат со лошите услови за работа без да плаќаат наемнина. Во домот ќе има и неколку помали сали за состаноци, како и поголеми простории за одржување собранија и други поголеми средби, но и подрумски простории во кои би се чувала опремата што ја поседуваат федерациите.
Од спортските содржини, во домот на спортовите ќе има мала сала за боречките спортови, 25-метарски базен, фитнес-зона, мало игралиште со терен за баскет (3х3), како и отворена сцена со амфитеатар кон реката Вардар, која е во непосредна близина, каде што би се одвивале спортско-културни случувања, концерти и слично.
