Објавен конкурсот за упис во средните училишта за учебната 2026/2027 година, најголем дел од местата во стручното образование
Министерството за образование и наука го објави конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година.
Според објавените податоци, во 109 јавни средни училишта низ државата се предвидени повеќе од 25.000 слободни места. Најголем број од нив, над 17.000, се наменети за стручно образование, околу 6.000 за гимназиско образование, а 570 места се предвидени за уметничките училишта.
Пријавувањето ќе се одвива по електронски пат преку порталот Uslugi.gov.mk, со најава преку корисничките сметки на учениците на schools.mk. По електронската апликација, кандидатите ќе треба да ја достават потребната документација во училиштето во кое конкурираат.
Во рамки на јунскиот уписен рок се предвидени две пријавувања, од 12 до 15 јуни и на 23 јуни, додека во августовскиот рок пријавувањето ќе се реализира на 20 август.
