Објавен идентитетот на двајцата алпинисти кои загинаа во силосот на „Бучим“, едниот бил снимател
Македонската алпинистичка федерација ги објави имињата на двајцата алпинисти на локалниот клуб „Плоча“ од Радовиш кои загинаа чистејќи го едниот силос на рудникот „Бучим“ и изрази сочувство до нивните семејства.
„Со длабока жал споделуваме дека смртно настрадани во несреќата се алпинистот Зоран Мајсторски и Драган Станишков од Радовиш. Искрено сочувствуваме со фамилиите на двајцата“, гласи реакцијата на асоцијацијата на алпинисти.
За Зоран Мајсторски се вели дека бил еден од столбовите на македонскиот алпинизам кој оставил значителен алпинистички траг кој вечно ќе остане запаметен преку неговите искачувања и потенцијал кој го поседувал.
За Мајсторски пишува дека 20 години работел како снимател во Регионална телевизија Кобра и локалната ЕМИ телевизија, а негово последно снимање било на дебатна емисија со кандидатите за градоначалници на Радовиш.
