„ОБЕЗБЕДИВМЕ 2.000 МАСКИ N95“: Министерството за здравство вели дека во Трубарево има присутни и возила на итна медицинска помош
Министерството за здравство соопшти дека во координација со Институтот за јавно здравје, обезбедиле 2.000 заштитни маски N95 кои вечерва ќе бидат дистрибуирани до жителите на скопското село Трубарево.
„Маските се ставени на располагање од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а дистрибуцијата ќе се реализира со поддршка на тимови од јавните претпријатија и Општина Гази Баба. Со оваа мерка се обезбедува навремена поддршка за локалното население, со цел намалување на непосредната изложеност на загадениот воздух предизвикан од пожарот“, соопштија од Министерството.
На лице место, како што додаваат од таму, присутни се и две возила на итната медицинска помош, подготвени да интервенираат и да укажат соодветна здравствена помош како на пожарникарите, така и на граѓаните доколку имаат потреба.
„Наш приоритет е заштитата на здравјето на граѓаните, особено во вакви кризини ситуации. Министерството и Институтот за јавно здравје ќе продолжат со координирани активности за да се обезбеди соодветна помош и поддршка на сите засегнати“, вели министерот за здравство, Азир Алиу, а преку соопштението на Министерството.
Од Министерството за здравство велат дека заедно со Институтот за јавно здравје ќе ја следат понатамошната состојба, со цел навремено преземање на сите потребни мерки за заштита на граѓаните.
Слично
