„ОБЕЗБЕДЕНИ СЕ УЧЕБНИЦИ ЗА СИТЕ УЧЕНИЦИ“: министерката Јаневска го честита стартот на новата учебна година
Новата учебна година од утре ја започнуваат 245 илјади ученици, а од нив 177.800 се основци, додека уште 67.200 се средношколци, а на темата почеток на новата школска година се огласи министерката за образование, Весна Јаневска, која истакна дека се обезбедени учебници за сите ученици.
- Со учебници за сите, подобрени инфраструктурни услови, вештачка интелигенција во наставата и поголема инклузивност започнува новата учебна година!
Обезбедени се учебници за сите ученици, а за прв пат по седум години ќе има и учебници по странските јазици. Прашањето е системски решено и повеќе не треба да биде предмет на дискусија.
Во повеќе училишта условите за настава се значително подобрени, а инклузијата е подигната со ангажирање на 1.346 образовни асистенти во основното, но и 130 асистенти за прв пат во средното образование.
Учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели, за што изготвено е упатство за нив и наставниците - нагласува Јаневска.
Таа дополни дека од оваа школска година започнува примената на нов електронски дневник кој има значително подобри перформанси од претходниот. Наставниците ќе можат да се најават и пополнуваат податоци во секој момент, наместо да чекаат ноќ и намалена фреквенција.
- Направени се крупни инвестиции за подобрување на образовната инфраструктура. Во период од една година отпочнат е инвестициски циклус од 67 милиони евра. Дел од градежните проекти се завршени, а дел во фаза на реализација.
Обезбедена е поголема поддршка за талентираните ученици, односно целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади. А за сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување.
Според досега доставените податоци од општините, учебната година ја започнуваат 245 илјади ученици, 177.800 основци и 67.200 средношколци. Среќно на сите! - напиша министерката.
Слично
