ОБЕЗБЕДЕНИ СЕ ПАРИ ЗА НАБАВКА НА 150 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Колку ќе бидат за Скопје, а колку за другите градови?
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините со организиран јавен превоз, со што посебно за Скопје заедно со другите проекти како Градски воз, БРТ и когенерацијата драстично ќе се намали аерозагадувањето.
Вели дека овој вид на транспорт ќе биде еколошки.
„И токму таа е целта на набавка на овие 150 еколошки автобуси коишто се на електричен погон, користат исклучиво енергетско напојување кое за животната средина нема штетно влијание. Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел обезбедени од буџет под услови подеднакво добри како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија“, рече Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Биљана Кузмановска.
Премиерот појасни дека овие 150 автобуси ќе бидат распределени во сите општини во кои има организирано јавен градски превоз, односно Град Скопје ќе добие 100, а останатите општини ќе добијат 50 автобуси.
фото Влада