ОБДУКЦИСКИОТ НАОД ЗА МАЛАТА ЈАНА Е ГОТОВ, НО ДЕТАЛИ НЕМА: На потег е Институтот за судска медицина
Обдукцискиот наод
на петгодишно девојче Јана кое почина во Клиничката болница Битола пред еден
месец, е готов и веќе се наоѓа во битолското Обвинителство, но оттаму не соопштуваат детали.
Како што пишува Макфакс, Обвинителството сега со наредба ќе бара изјаснување од Институтот за судска медицина.
„Наодот од обдукцијата извршена на Клиничката болница во Битола во поглед на причините за смртта е доставен до надлежниот јавен обвинител. Основното јавно обвинителство Битола го разгледува во контекст на целокупната прибрана медицинска документација по што ќе биде издадена наредба до Институтот за судска медицина врз основа на сите прибрани докази да се произнесе за евентуалната причинско-последична врска на медицинскиот третман со причините за смртта. Родителите на починатото девојче се повикани да дадат свој исказ во Јавното обвинителство“, велат од битолското Обвинителство за „Макфакс“.
Јана почина на 22 март само неколку часа откако прими инфузија со гликоза на детското Одделение во битолската болница.
