Нуредини: Не знам како се најдоа снимките од болничката камера во јавноста
Гзим Нуредини, директорот на ковид-центарот во Тетово, за медиумите рече дека нема информација за тоа како се најде снимка од надзорната камера на социјалните мрежи од пожарот во модуларната болница и бегството на преживеаните пациенти.
Видео-снимки излегоа во јавноста од безбедносните камери од ужасот кој се случи во модуларната болницата во Тетово. На социјалната мрежа Тик Ток протече видео од првите моменти од несреќата. Од видеото се гледа со колку голема брзина се шири пожарот, односно за само три минути има оган околу целата болница.
Од видеото може да се забележи и каква паника се шири помеѓу болничкиот персонал кој со инвалидски колички ги извлекува пациентите.
Дванаесетте пациенти кои го преживеаа пожарот биле прегледани од психијатри, додаде Нуредини.
-Тие се пациенти кои биле трауматизирани од психолошка природа и биле прегледани од психијатар и биле констатирано дека се работи за стрес ситуација која тие ја преживеаа. И сите се во релативно добра состојба, сите се на кислородна поддршка. Очекуваме идните денови да бидат подобро и да бидат пуштени дома, рече лекарот.
За 24 часа нема починати од Ковид-19, додека има нови пет луѓе кои се примени на болничко лекување како и 75 амбулантски прегледи.
