Економија, финансии, бизнис

Контакт

НУЛА ОТПАД, А НЕ ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРНТЕРСТВО: „Зелен Хуман Град“ со реакција по изјавата на Мицкоски

НУЛА ОТПАД, А НЕ ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРНТЕРСТВО: „Зелен Хуман Град“ со реакција по изјавата на Мицкоски

„Зелен хуман град“ реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за депониите, со став дека најавите за ново јавно-приватно партнерство за управување со Дрисла се погрешен пристап.

„Премиерот вчера изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со Дрисла. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела. Веќе го спроведоа ова решение и што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот заврши во рацете на криминалци кои, според јавно достапните информации, вршеа нерегулиран увоз на контејнери со отпад“, реагираат од иницијативата.

Тие велат дека „според Европската комисија, меѓу 15 и 30 отсто од отпадот извезен од ЕУ завршува како нелегален транспорт во земји со слаба легислатива како Македонија“.

„Се декларирате ко патриоти, а не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија. Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сè позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно“, додаваат активистите.

Како решение, го предлагаат концептот „нула отпад“ кој, според нив, опфаќа: дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало („60-80% од отпадот е биоотпад“), постројки за преработка на градежен шут, масовна едукација за примарна селекција (стакло, метал, пластика, хартија, електронски отпад), работилници за поправка и реупотреба на мебел и електроника, извоз на преостанатиот отпад во земји со функционални институции.

„Депонирањето е практика од минатиот век. Современите општества се стремат кон нула отпад. Јавно-приватното партнерство е форма на приватизација на јавното на мала врата. Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад, туку обратно – му треба постојан проток за профит“, соопштуваат од „Зелен хуман град“.

Во соопштението, потсетуваат и на случајот со увоз на токсичен отпад: „Сите го паметиме случајот со отпадното масло забрането во ЕУ, кое во Македонија лажно се претставуваше како мазут и се користеше дури и во државни институции и болници“.

„На Дрисла не ѝ требаат странски пари ниту донации. Нам ни треба нашите пари, со кои за несреќа располагате, да бидат наменети за приоритетите што ние, граѓаните, ги имаме, наместо да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари“, порачаа од иницијативата.

Слично

Поврзани вести