Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нуклеарно сценарио - Што значи предупредувањето на Путин и што ќе преземе Западот?

Нуклеарно сценарио - Што значи предупредувањето на Путин и што ќе преземе Западот?

Можна ли е нуклеарна војна? Ако инвазијата во Украина делуваше изненадувачка и невозможна, повеќе ништо не е исклучено иако е малку веројатно. Но, да навлеземе подлабоко. Кои се причините на Путин за освојување на нуклеарните централи во Украина и зошто стравот од нуклеарна закана се наведува како една од основните причини за воената интервенција.

За нуклеарната доктрина на Кремљ и можниот одговор на Западот анализираме со Елмас Хасановиќ, магистер по меѓународни студии и наука и политика за непролиферација на нуклеарно оружје при Државниот Универзитет на Северна Каролина и активно работи во оваа област.

Колку е сериозна нуклеарната закана од рускиот претседател Владимир Путин со оглед на бавното напредување на копнената инвазија и заканите дека сите кои и помагаат на Украина со оружје и воена опрема ќе се соочат со последици какви што досега не виделе?

Хасановиќ: Иако веројатноста од употреба на нуклеарно оружје е многу мала, сепак заканата за нивна употреба претставува причина за загриженост. Наредбата за ставање на нуклеарните сили во специјален режим е воена стратегија позната како „стратегија од ескалација до де-ескалација“ со цел да се одвратат сојузничките и европските земји од пружање активна помош и поддршка на Украинската влада, и на тој начин рускиот претседател Владимир Путин да може да ја оствари посакуваната цел.

Воедно, тоа е дел од психолошкото војување бидејќи со заканата за употреба на нуклеарно оружје кај цивилното население се враќа сеќавањето на катастрофалните последици од хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година.

Имено, од изјавата е нејасно дали истата вклучува зголемување на подготвеноста на нуклеарниот команден и контролен систем за да биде поподготвен за издавање на наредба за лансирање, или не. Всушност, ова е фактот што дополнително загрижува имајќи предвид дека нападот врз Украина беше изненадувачки, не беше испровоциран и се случи без најава. 

Што предвидува руската нуклеарна доктрина, која патем е прилично нова и сменета е во 2020 година, колку се разликува од „Советската“ ера и што може да очекува Западот?

Хасановиќ: Согласно Руската нуклеарна доктрина Кремљ „го задржува правото да користи нуклеарно оружје“, вклучително и „за спречување на ескалација на воените дејствија и нивно прекинување под услови кои се прифатливи за Руската Федерација и/или нејзините сојузници“. Ова само укажува на фактот дека Русија уште многу порано го планирала ова сценарио.

До 2020 година, политика на Кремљ беше дека „употребата на нуклеарното оружје е исклучиво само за одбранбени цели“, што не е случај во конкретната ситуација. Русија не е загрозена од никого, напротив Русија е агресор.

Сакам да потенцирам дека наредбата на Путин е спротивна на заедничката изјава од 3 јануари 2022 година кога лидерите на земјите-членки на Советот за Безбедност на ООН потпишаа дека нуклеарна војна не може да се добие и никогаш не смее да се води. Исто така, заканата за употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија кон Украина е спротивна на Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, потпишан од шефовите на држави на САД, Велика Британија, Русија и Украина, со кој се предвидува дека земјите-потписнички ќе го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ќе се воздржат од закана со употреба на сила.

Како и во претходните војни кои ги водела, Русија ќе ги искористи сите алатки кои им се на располагање - од информациски операции до сајбер напади паралелно со воените напади - за да ги постигне своите геополитички цели. Во таа насока, иако веројатноста е многу мала, сепак постои опасност Русија да употреби тактичко нуклеарно оружје (со мал степен на збогатување на ураниум) во текот на војната со Украина за да спречи пораз, да ги консолидира придобивките и/или да го замрзне конфликтот.

Столтенберг порача дека нема потреба за промена на нивото на алармираност на нуклеарното оружје на алијансата, како се оценува овој потег во правец на деескалација, но и одбивање на нуклеарните закани од Русија?

Хасановиќ: Украина не е членка на НАТО, и Алијансата не е инволвирана страна во вооружениот конфликт меѓу Русија и Украина. НАТО не бара војна/конфликт со Русија, но да нема недоразбирања – НАТО е посветен и спремен да ги заштити сите сојузници доколку дојде до тоа. Оттука, како официјално лице на НАТО, ставот на генералниот секретар Јенс Столтенберг е еден вид на одвраќање и де-ескалација. 

НАТО во континуитет ја повикува Русија да ги запре нападите и да ги повлече сите свои сили и да се вклучи во дипломатските преговори со добра волја и да ги почитува одредбите на меѓународните договори кои Русија ги има потпишано и ратификувано.

Дали постои реална закана Украина да добие нуклеарно оружје кое ќе се искористи против Русија, впрочем тоа е еден од главните аргументи на Кремљ?

Хасановиќ: Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски започнала „опасни игри поврзани со плановите за стекнување сопствено нуклеарно оружје“, тврдејќи дека Украина сè уште има пристап до советските нуклеарни технологии и средствата за испорака на тоа оружје. Но, тој не приложи никакви докази за неговите тврдења. 

Како земја-потписничка на НПТ Договорот и Дополнителниот протокол, како и ратификуваната Резолуција 1540 на СБ на ООН, Украина подложи на сеопфатни и ригорозни верификациски и мониторинг мерки на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Во таа насока, генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, го демантираше Лавров и изјави „нема никакви информации дека има било какво отстапување на материјал, ниту дека било регистрирано непријавување на материјал или активности кои водат до развој на нуклеарно оружје.“

Сакам да потенцирам дека мотивите за развивање на нуклеарно програми се различни, но истите може да бидат од политичка, безбедносна и/или економска природа, како и поседување на соодветна технологија и експертиза. Во ситуацијата во каква што се наоѓа денес Украина, сметам дека веројатноста да развие нуклеарно оружје е многу мала и речиси да не постои. 

Според досегашните воени операции на територија на Украина се јасни намерите за заземање на повеќе нуклеарни централи во Запорожје и Чернобил и нивно ставање под руска контрола. Колку овие чекори на Путин се во рамки на досегашната стратегија за одвраќање на Украина од потенцијални нуклеарни оружја или се дел од пр

Хасановиќ: Всушност, ова е „модус операнди“ на руската пропагандна машинерија која има за цел да ја „оправда“ заканата од употреба на нуклеарно оружје, како и завземањето на двете нуклеарни централи во Украина. Целта на Русија е да ја држи под контролира критичната инфраструктура на Украина, а нуклеарната енергија (особено во Запорожје) се јавува како еден од главните извори за производство на електрична енергија.

Доколку вашето прашање се однесува на претпоставката дека некоја земја би и поклонила нуклеарно оружје на Украина, тогаш тоа е нереално за очекување бидејќи е спротивно на одредбите на Резолуцијата 1540 на Советот за Безбедност, како и НПТ Договорот кој има двојна обврска: земјите кои поседуваат нуклеарно оружје преземаат чекори за забрана на пренос или контрола на нуклеарно оружје на држави кои не поседуваат нуклеарно оружје (член I), а државите кои немаат нуклеарно оружје се согласуваат да не примаат, произведуваат или на друг начин се стекнат со нуклеарно оружје (член II). Од друга страна, на сите држави им се овозможува пристап до нуклеарната технологија за мирољубиви цели (член IV).

За појаснување, ниту во минатото Украина немала мотив за поседување ниту развивање на програма за производство на нуклеарно оружје. Во 1994 година, Украина се согласи да го предаде своето нуклеарно оружје на Русија како дел од договорот што требаше да ја гарантира безбедноста на земјата (Меморандумот од Будимпешта). До 1996 година, Украина ги предаде сите свои нуклеарни боеви глави на Русија, и во 2001 година го заврши предавањето на своето последно стратешко нуклеарно средство за испорака.

Врз одлуката за разоружување/денуклеаризира,  најмногу влијаело сеќавањето на катастрофата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година. Од достапните некласифицирани документи на украинското МНР, освен катастрофата во Чернобил, факторите кои влијаеле да се донесе таква одлука биле од политичка, економска, и технолошка природа. Во февруари 1993 година, врз основа на извршената анализа, украинското МНР констатирало сериозни празнини: (1) недостиг на технологија за развивање на животниот-циклус за производство на нуклеарно гориво, (2) огромни директни финансиски трошоци за изградба на целосна нуклеарна програма за изработка на нуклеарно оружје, (3) развивањето на нуклеарно оружје би предизвикало сериозни стратешки, политички и економски последици од таквата одлука.

Кои меѓународни и билатерателни договори се клучни за спречување на нуклеарна војна помеѓу членките на НАТО и Русија, дали е вистина дека од дел од нив се повлекоа САД и колку тоа влијае на одлуките на Путин за спречување на ширењето на НАТО на исток?

Хасановиќ: Од меѓународните договори, Договорот за непролиферација на нуклеарно оружје и Дополнителниот Протокол е камен-темелник на меѓународните напори за да се спречи ширењето на нуклеарното оружје и да се промовира контролата на вооружување и нуклеарното разоружување, да се постигне и одржи ефикасен меѓународен заштитен систем и да се промовира мирољубива примена на нуклеарната енергија. Особено е битно да се спомене Зангер Комитетот  кој се фокусира само на одредбите од член III.2 од НПТ Договорот кој се однесува на „специјално дизајнираната или изработена опрема или материјал за преработка, употреба или производство на специјален материјал за нуклеарна физија“. Зангер Комитетот одржува Список за активирање (заштитни мерки како услов за набавка) на стратешки стоки поврзани со нуклеарно оружје за да им помогне на земјите-потписнички на НПТ во идентификувањето на опремата и материјалите кои подлежат на извозни контроли. Тој е еден од најбитните механизми за контрола на материјали, стока, опрема, софтери и системи за двојна намена.

Резолуцијата 1540 на Советот за Безбедност на ООН, е првата формална одлука донесена од Советот за безбедност за решавање на пролиферацијата на оружје за масовно уништување (ОМУ). Резолуцијата е правно обврзувачка и предвидува дека сите држави ќе се воздржат од давање каква било форма на поддршка на недржавните актери (терористички групи, криминални групи и др.) кои се обидуваат да развијат, да се стекнат, произведат, поседуваат, транспортираат, пренесуваат или користат нуклеарно, хемиско или биолошко оружје, нивните средства за испорака и сродни материјали.

Тука би ги спомнал и Режимот за контрола на технологијата за развој на проектили, кој ги координира националните напори за лиценцирање на извозот насочени кон спречување на ширењето на беспилотни системи за испорака способни да испорачуваат оружје за масовно уништување, како и Васенар Аранжманот со кој се промовира транспарентност на националните режими за контрола на извозот за конвенционално оружје и стоки и технологии со двојна употреба.

Договорот за отворено небо e еден од трите договори за контрола на вооружувањето - вклучувајќи го Виенскиот документ и Договорот за конвенционални сили во Европа чија цел е зголемување на предвидливоста и намалување на ризикот од ненамерна/несакана војна.

Од билатералните договори, минатата година, САД и Русија се согласија да го продолжат новиот „СТАРТ Договор“ со кој се ограничува бројот на нуклеарни боеви глави на системите со долг дострел, со важност до 2026 година.

Договорот за нуклеарни сили со среден дострел од 1987 година кој не е веќе активен, потпишан помеѓу САД и Советскиот Сојуз, предвидуваше да ги елиминираат и трајно да ги отстранат сите нивни нуклеарни и конвенционални балистички и крстаречки ракети со дострел од 500 до 5.500 километри. САД во континуитет, во периодот од 2014 до 2018 година, алармираше дека Русија ги прекршува одредбите на овој договор, вклучувајќи го и почетокот на истражувањето и развојот на конвенционален, копнено-подвижен ракетен систем со среден дострел.

Но, за да можеме да зборуваме за било какво значајно зајакнување на архитектурата за контрола на вооружување тоа е невозможно со моменталниот режим во Москва кој војува, убива и напаѓа. Потребен е режим кој ќе вложи сериозни политички напори за намалување на тензиите и дополнително зајакнување на контролата на вооружување.

На крајот, ваквото однесување на Русија и заканата со употреба на нуклеарното оружје, без разлика дали станува збор за доктрина или не, ја поткопува меѓународната архитектура за непролиферација на нуклеарно оружје и контрола на вооружувањето и испраќа лоша порака за режимите кои веќе изразиле интерес за развој на нуклеарен програм (како што е Иран), но и на оние режими кои веќе поседуват нуклеарно оружје да со закана за употреба на нуклеарно оружје (Кина и С.Кореја)  да менуваат власти и освојуваат туѓи територии следејќи го примерот на Русија.

*Ставовите изразени во оваа анализа се лични ставови на авторот и не ги одразува официјалните ставови на институцијата во која работи или е професионално ангажиран.

Х.С.

Слично

Поврзани вести