НПС тврди вработени во МВР со години немале здравствено осигурување, МВР демантира
Каде завршувале средствата кои се предвидени за здравственото осигурување на работниците во МВР и кој е виновник за тоа?
На ова прашање денеска одговор од надлежните побараа од Независниот полициски синдикат.
Претседателот на овој синдикат соопшти дека над 220 вработени во МВР го информирале дека немале здравствено осигурување, а за некои од нив не е извршена уплата од декември 2013 година.
Гоце Делчев побара од МВР да се изјасни за ова прашање и да каже зошто нередовно се врши уплата на здравствено осигурување на вработените во МВР притоа, претседателот соопшти дека до МВР е поднесен соодветен писмен акт со кој бараат одговор на овој податок.
МВР демантира
“Во врска со денешната изјава за медиумите на претседателот на независниот полициски синдикат , Министерството за внатрешни работи ја демантира изјавата дека на повеќе од 200 вработени во министерството не им е платено здравственото осигурување“, стои во демантот од МВР.
