Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВОГОДИШНИТЕ ПАКЕТЧИЊА ПОД „ЛУПАТА“ НА АХВ - се засилуваат контролите пред празниците

НОВОГОДИШНИТЕ ПАКЕТЧИЊА ПОД „ЛУПАТА“ НА АХВ - се засилуваат контролите пред празниците

Новогодишните пакетчиња ќе бидат под засилена инспекција од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Од институцијата најавуваат дека во пресрет на новогодишните и божиќните празници, почнуваат со спроведување на засилени, вонредни контроли кај операторите со храна. 

- Со цел заштита на здравјето на најмладата популација потрошувачи – децата, акцент со контролите ставен ќе се стави на новогодишните пакетчиња и нивната безбедност.

Како одговорна институција за безбедноста на храната, заштита на здравјето на граѓаните и нивните права како потрошувачи, АХВ апелира до операторите со храна да бидат одговорни и да не се обидуваат да манипулираат со потрошувачите, особено со новогодишните пакетчиња, во збирното пакување подметнувајќи и небезбедни производи, најчесто со поминат рок на употреба. За ваквите недоследности, граѓаните веќе алармираат до Агенцијата - се нагласува во соопштението.

Дополнуваат дека со засилените контроли кај операторите со храна ќе се утврдува исполнетоста на општите и посебните услови за безбедност на храната, акцент ќе се стави на означувањето, особено на трајноста на производите и заштита на потрошувачите од измама.

- Како одговорна институција апелираме и до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и храна да купуваат од регистрирани/одобрени објекти кои се под контрола на инспекциските служби на АХВ.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски, на бесплатниот телефонски број 0800  3  22  22, или електронски на info@fva.gov.mk - се нагласува во соопштението. 

Фото: Принтскрин/Фејсбук

Слично

Поврзани вести