Економија, финансии, бизнис

Контакт

Новогодишната магија да влезе во сечиј дом, секој да ја пронајде својата: Д-р. Христијан Костов за Фактор

Новогодишната магија да влезе во сечиј дом, секој да ја пронајде својата: Д-р. Христијан Костов за Фактор

Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања од следната година.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р. Христијан Костов верува во празничната магија и покрај сите големи предизвици со кои се соочува светот и посакува секој да ја пронајде и да ја доживее на свој начин.

-Граѓаните во Македонија треба да се горди што постои здравствена институција каква што е ГОБ „8 Септември“. Оваа институција распоага со неверојатен капацитет, најсовремена апаратура и целосно подготвен технички и медицински кадар. Тука за кратко време може да се направи комплетен дијагностички и терапевтски третман, било да е хируршки или интернистички и тоа во чекор со најсовремените медицински достигнувања, а тоа е суштината на успешноста. Сепак, оваа година уриваме неславни бројки, велам неславни бидејќи бележиме дури 16.000 прегледи во трите инфективни амбуланти и во тријажниот центар на пациенти позитивни на Ковид-19 или суспектни на вирусот. Во сите изминати месеци имавме 3.500 хоспитализирани пациенти. Голем дел од приказните имаа среќен крај, но, некои за жал завршија оставајќи болка и тага, бидејќи ниту лекарите, ниту медицинските сестри немаат волшебна моќ да се изборат за сечиј живот.

Но, јас верувам во новогодишната магија и посакувам секој да ја пронајде и да ја доживее на свој начин. Посакувам што поскоро да пристигне вакцината и во нашата земја, зошто таа е единствениот спас во макотрпната борба со овој невидлив непријател со кого човештвото се бори цела година. Очекувам дека во 2021 ќе излеземе многу посилни од сето ова и дека годинава што изминува ќе биде добро научено четиво за сите нас. Во природата на човекот е да не се откажува, затоа се надевам дека во 2021 со нашата истрајност и посветеност гласно ќе му кажеме збогум на Ковид-19, вели д-р. Костов за Фактор.


Слично

Поврзани вести