Ново рочиште за „Труст“ во Кривичен
Денеска во Основниот суд Скопје продолжува постапката од предметот „Труст“ кој го води Специјалното јавно обвинителство, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.
На минатото рочиште одбраната приложи нови документи како докази кои беа прифатени од Судот и од СЈО. Сведочеше и вештакот Игор Костов за тоа дали од документите од тендерот за набавка на опрема, машини и возила се гледа дека тие се набавени. Тој одговори дека до 14.11.2011 година во сметководство на „Трансмет“ не се евидентирани овие машини ниту плаќања за нив. Спорно, како што рече, е тоа што фактурите се книжени, а потоа плаќани профактурите.
Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
