Новите ветришта на промените, дуваат од кај Охридското езеро!
Потерницата по охридскиот бос и насилник, феудалот на Охрид
и Охридското езеро, протежето на ДУИ, советникот Нефи Усеини и по брат му, за
физичко насилство и закани по животот на граѓанин на Охрид, со неверојатна
вчудоневиденост беше пренесувана во македонските медиуми. Во држава која триесет години живее во фасадна демократија, каде што
законите се само мртво слово на хартија, целата јавност очекуваше поинаква
разрешница по примерот на „пајакот и Бекир Асани“. Тоа и се случи, Топалоски ја
смени изјавата во СВР-Охрид, во една невидена леснотија на потценување на
интелигенцијата и на најпростиот Македонец. И кога, целата јавност се смееше на
„ разрешницата на оваа којзнае која по ред охридска крими-драма на Усеини“, се
случи коперникански пресврт: медиумите објавија дека по една седмица бегство,
Усеини и брата му, сами се пријавиле, и отишле во притвор.
Нови ветришта во македонскиот ред и поредок?!
Дали позади овој македонски крими-драма серијал, се крие нешто поголемо, односно дека веќе нема да има толерирање за никој, па тој нека е и чуван како бубрег во лој од интегративците и нивните политичко-подземни-криминални испостави низ општини и населени места низ Македонија, договор помеѓу Заев и Ахмети, како нов начин на функционирање на коалицискиот брак, допрва ќе видиме. Тоа ќе се покаже и од разврската со дивоградбата кај „Мавровка“, и дали тој објект ќе биде срушен, или се уште институциите на системот ќе си ја префрлаат топката, повикувајќи се една - друга на одговорност, изземајќи се од сопствената. Такво нахално, беззаконско, криминално, мафијашко и насилничко однесување према јавниот простор, и негово заграбување, ретко каде има на планетата Земја, а на европскиот континент, и не станува збор. Па нека станува збор и за едно Косово, или една Молдавија, на пример, ако сакате.
Поглавјето 23, од кластерите на Европската унија, е едно од клучните и суштински приоритетни, за секоја земја која ќе ги почне претпристапните преговори со ЕУ, и квалитативен и квантитативен напредок кон заокружување на полноправното членство во Унијата. Кога ќе бидеме поставени на европските шини, кои треба да не однесат кон крајната станица Брисел, но темелно и европски реформирани, а не само со козметичка шминка, и ќе бидат уклучени светлата на рефлекторите од Брисел, тогаш веќе, веројатно ѓаволот ќе ја однесе шегата за сите. Поминаа времињата, кога Бугарија и Романија , „се протнаа“ низ 36-те поглавја и станаа полноправни членки на Унијата, во веќе далечната 2007. Бидејќи направија потемкинови села од своите држави и општества, денеска се соочуваат со протести (Бугарија), и масовно иселување во западноразвиените европски земји (Бугарија и Романија). Што значи, политичките елити на овие две балкански држави, го заокружија националниот интерес на двете земји: влез во НАТО, па во ЕУ, но потфрлија во суштинското: создавање на функционални, модерни, некорумпирани и демократски општества, налик на тие западните. За разлика од нив, Словенија, Естонија, Чешка, Литванија, па и Кипар и Малта, како нови земји членки, веќе се на пат да станат побогати и од старите јужни членки на Унијата: Италија и Шпанија. Грција и Португалија одамна ги подминаа.
Последниот воз на историјата!
Нас што не чека? Исто што и Србија и Цргна Гора во моментов, а тоа е долг, макотрпен, со многу болни реформи и резови пат, долж и попреку целиот институционален систем и апарат низ земјата, и буквално општествено-политичка катарза: прочистување на се што е гнило во државата македонска. Нека се и десет, петнаесет години, водење на европретпристапни преговори, но крајот да биде крунисан со реален успех: уредена земја, со БДП во голем раст, БДП по глава на жител на средноевропско ниво, покачени плати, енормно намалена невработеност, среден судско-обвинителски систем, функционални и независни институции кои ќе бидат сервис на граѓаните, а не сервис на политичките партии и бизнис центри на моќ. Тоа е, толку е! Колку и да звучи едноставно, не постои внатрешна сила во државата ( се виде овие триесет години), која ќе го изведе така тоа лесно. Надежта е отпочнување на преговорите со ЕУ и „долгиот пат на трансформацијата на нашето општество“. Ако го фатиме патот на Бугарија, благодарам не ни треба. Ова општество и оваа држава се толку истрауматизирани, што не би сакал, после дваесет години, како десетгодишна полноправна членка на Унијата, да ги гледам полни македонските плоштади со незадоволни млади луѓе кои во очајот на бесперспективноста, протестираат против властите барајќи правда, некорумпираност, подобар и подостоинствен живот. Немаме сили за такво нешто. Ова ни е буквално, последната шанса, која историјата ни ја нуди како народ и држава.
Благојче Атанасовски-политиколог