НОВИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ПОЧНАА ДА ВРАБОТУВААТ - огласи се редат за прием на нови кадри во општините
Срамежливо и полека, ама новите градоначалници си почнаа со вработувањата на сопствени кадри во општините со кои раководат.
Речиси секој ден на веб страната на Агенцијата за администрација осамнува по некој оглас за вработување во пооделните локални самоуправи, или, пак, во установи кои се формирани од општините.
Ова следува откако претходните градоначалници вработуваа речиси масовно пред локалните избори, па речиси и не остана некој од нивните кадри, кои и претходно во општините биле ангажирани со договори на дело, а кои не си обезбедија трајно вработување пред да бидат распишани локалните избори.
На веб страната на Агенбцијата за администрација последен е објавен огласот за вработување на еден службеник во основно училиште во Штип, или конкретно, се бара советник за општи и нормативно правни работи – секретар, во училиштето „Гоце Делчев“ во тој град.
Покрај општите услови, тој треба да има ниво на квалификациите VI А според Македонската рамка на квалификации и стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, правни науки, и најмалку три години работно искуство во струката, како и активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, но и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија - англиски, француски, и германски. Просечната нето плата која е предвидена за ова работно место изнесува 24.781 денари, а согласно годишниот план на институцијата за годинава, за тоа работно место може да конкурира Македонец.
Ново вработување ќе има и во општина Радовиш, и тоа се бара советник - внатрешен ревизор. Тој ќе треба да има ниво на квалификациите VI А според Македонската рамка на квалификации и стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, правни науки или економски науки, како и најмалку три години работно искуство во струката, активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски, германски), како и дополнителен услов- две години работно искуство во внатрешната или надворешната ревизија. За ова работно место е предвидена плата од 26.253 денари, а согласно годишниот план на институцијата за годинава, таму, според националноста, треба да се вработи Турчин.
И новиот градоначалник на Карпош распишал оглас за едно работно место, и тоа советник за правни работи и застапување, кој треба да има Правен факултет и најмалку три години работно искуство во струката. Овој човек ќе тгреба и активно да ги познава компјутерските програми за канцелариско работење, како и еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија - англиски, француски, и германски. Од дополнителни услови, пак, тој треба да има положено правосуден испит, за што треба да достави и потврда. Неговата плата ќе изнесува 26.313 денари, а според етничката припадност тој треба да биде Македонец.
Ново вработување ќе има и во општина Старо Нагоричане. Таму се бара помлад соработник за администрирање на приходи. Од образование тој треба да има или Правен, или Економски факултет или менаџмент, а може да биде со или без работно искуство во струката. Од посебни работни компетенции треба да има активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, како и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија. Паричен нето износ на платата е 22.046 денари, а и за ова работно место може да конкурира Македонец.
Во општина Чешиново – Облешево, пак, ќе има две нови вработувања. Прво, таму се бара советник за материјално финансиски работи, кој треба да има Економски факултет или менаџмент, и најмалку три години работно искуство во струката. Тој ќе зема плата од 26.313 денари, а треба да биде Македонец.
Второто работно место е за советник - Урбанистичко-градежен инспектор, кој треба да има Градежен факултет или Геодезија и најмалку три години работно искуство по дипломирањето. И тој треба да биде Македонец, а неговата плата ќе изнесува 26.313 денари.
Вработување ќе има и во ЈЗУ Центар за јавно здравје – Струмица и тоа референт-благајник, кој треба да има вишо или средно економско училиште и најмалку една година работно искуство во струката. Треба да биде Македонец, а платата ќе му изнесува 18.362 денари.
И конечно, вработување ќе има и во Владата, каде се бара раководител на одделението за јавни финансии. Тој треба да има Правен факултет и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои најмалку една година на работно место во јавен сектор, односно најмалку шест години работно искуство во струката од кои најмалку две години на раководно работно место во приватен сектор.
Неговата плата ќе изнесува 29.749 денари, а тој по националност треба да биде Македонец.
Н.Н.Ф.
