Новиот в.д. градоначалник на Кочани: Бараме помош, градежните инспектори ни се под истрага
Новоизбраниот в.д. градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, денеска за прв пат ги брифираше медиумите откако ја презеде функцијата и рече дека меѓу првите нешта што треба да ги направи општината е да се обрати до другите локални самоуправи за помош за градежни инспектори.
- Како што знаете, нашите градежни инспектори се предмет на истрага и не сум сигурен колку тие функционално можат да си ја извршат својата работа.Мешутоа, ние немаме ниту инспектор за домување.Ни недостигаат што е можно повеќе човечки ресурси и секоја помош ќе биде добредојдена. За жал имаме многу дивоградби и фокусот ќе биде градежниот инспекторат, рече Крстевски.
Крстевски беше избран како независен советник од Советот на општина Кочани како привремено шестмесечно решение до следните локални избори, откако градоначалникот Љупчо Папазов си поднесе оставка, пред да биде уапсен и притворен по пожарот во дискотеката „Пулс“ кој однесе 61 живот.
- Многу институции со децении заостанувале во своето работење, меѓутоа ако веќе има апсење со верижна одговорност, за жал можам да констатирам дека никој од актуелните функционери, или многу мал дел од нив, се опфатени со истрагата и тоа укажува на селективност, порача тој.
