Новиот состав на антикорупционери започнува со работа
Новиот состав на антикорупционери на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Јован Митрески, со што започнува со работа.
Нови членови, покрај претседателкатаТатјана Димитровска, се уште Софија Спасова Медарска, Билјана Каракашова Шулев, Бесник Џемаиљи, Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет.
Димитровска пред медиумите рече дека ДКСК е институција која изградила свој интегритет, но и признава дека многу од резултатите ќе зависат од Обвинителството, на чие работење особено се жалеше стариот состав предводен од Билјана Ивановска.
- Меѓутоа, и тоа како значајна карика во тој систем е Јавното обвинителство. Исто така, за нас е од особено значење секоја иницијатива или секоја покрената постапка да заврши со правосилна судска одлука што значи дека ќе настојуваме да ја интензивираме таа соработка се со една заедничка цел да ја спречиме корупцијата, рече таа.
Димитровска истакна дека нејзин мотив да се пријави за член на ДКСК било тоа дека може да се оди чекор нагоре во борба против корупција која што е во моментов најсериозен проблем на едно општество.
-Мојата мотивација како што ја наведов и во самото интервју кога го спроведувавме беше лично професионално и од свој личен мотив имајќи го во предвид моето долгогодишно работно искуство како државен ревизор кое што искуство и тоа како е признато и од многу меѓународни фактори. Ми беше мотив дека може да се оди чекор нагоре во борба против корупција која што е во моментов најсериозен проблем на едно општество, рече таа.
