Економија, финансии, бизнис

Контакт

Новиот лунапарк во Скопје ќе чини 10 милиони евра

Новиот лунапарк во Скопје ќе чини 10 милиони евра

Град Скопје склучи договор за изградба на новиот забавен парк во Градскиот парк, на просторот каде што со години се наоѓаше стариот Лунапарк. Вредноста на договорот е околу 10 милиони евра, а како изведувач е избрана скопската фирма „Мастеф“ ДООЕЛ.

Договорот опфаќа проектирање, набавка и поставување забавни реквизити, како и партерно уредување и изградба на придружни објекти. Новиот парк треба да зафати поголем простор од стариот, бидејќи ќе се прошири и кон делот каде што претходно беа летните дискотеки во Градскиот парк.

Скопје речиси една деценија е без функционален лунапарк. Проектот неколку пати беше најавуван, менуван и одложуван низ претходните градски администрации. Во времето на Петре Шилегов беше претставена студија изработена од италијанското архитектонско студио „Баса“, со концепт за поголем забавен парк со содржини за деца, семејства и љубители на адреналински реквизити.

Според претходно презентираниот концепт, во новиот парк треба да се вклопат и веќе набавените реквизити од периодот на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, а да се предвидат и нови содржини како панорамско тркало, ролеркостер, пиратски брод, рингишпил и други атракции.

Паркот е планиран за околу 3.000 посетители дневно, со дополнителни содржини како билетара, тоалети, простор за храна, фонтана и продавница за сувенири.

По преземањето на функцијата во ноември 2025 година, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека изградбата на забавниот парк ќе биде еден од приоритетите. Тендерската постапка беше распишана во декември, а со склучувањето на договорот проектот влегува во нова фаза.

Слично

Поврзани вести