Новиот јавен обвинител за криминал Ислам Абази доби уште една важна функција
Ислам Абази, кој пред пет дена стана шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција на местото на Вилма Русковска, ја доби довербата од Советот на јавни обвинители да биде и член на Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители.
На денешната седница го предложил заменик претседателот на Советот Арбер Исаку а останатите членови го изгласале, известува Телма.
Покрај Абази, за чиј избор имаше и негативни реакции во јавноста, избрана е и Фиданка Рајевска, а како заменици се предложени Бурим Рустеми и Ристе Бојаџиски.
Инаку сопругата на Абази ја привршува обуката на Академијата која е составена од теоретски и практичен дел и најдоцна до крајот на годината со колегите од генерацијата треба да полага завршен испит пред да може да биде избрана за судија или обвинител.
