Новиот директор на скопската ЗОО: Не сум член на ГРОМ
Новоименуваниот директор на скопската ЗОО, Драган Илиевски, демантира дека е поставен партиски на чело на оваа институција, откако СДСМ ја повика градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да одговори дали неговото назаначување е согласно законите.
-Јасно и недвосмислено ги демантирам пласираните дезинформации дека некогаш сум бил член на било која партија, вклучително и на ГРОМ. Имам повеќе од 20 години работно искуство на раководни позиции во приватниот сектор и магистер сум по економија. Верувам во програмата на град Скопје и во заложбите за професионализација и департизација, како што и верувам дека избор на човек како мене кој е непартиски и професионален кадар може да придонесе за позитивни промени, соопшти Илиевски.
СДСМ по јавно објавените информации во медиуми изрази сомневање дали новиот В.Д. директор на Зоолошка градина, Драган Илиевски е назначен согласно законите, откако неговиот претходник Кристијан Стаменов беше разрешен по разоткривањето на скандалот со колењето на коњи и други животни во кругот на скопската ЗОО градина.
