НОВИНАРСТВОТО СТАНА ПРЕТЕСНО - Жоро отиде во политички води
Ги напушта новинарските води, ќе се обиде преку политиката да се бори за остварување на принципите за кои се залагал.
Зоран Димитровски вчера беше избран за генерален секретар на Демократскиот сојуз, на седницата која ја одржа партијата. Димитровски е долгогодишен професионален новинар и уредник. Бил главен и одговорен уредник на три дневни весници, „Вечер“, „Дневник“ и „Нова Македонија“ и на неделникот „Фокус“.
Димитровски е магистер по политички науки од Централниот европски универзитет во Будимпешта. Предавач е на Институтот за комуникациски студии,а долги годни предавал новинарски предмети на поранешната Висока школа за новинарство и за односи со јавноста.
„Еден од основачите на Демократскиот сојуз е и Никола Младенов, со кого јас бев долгогодишен соработник и пријател. Сметам дека еден ваков политички ангажман во овој момент, кога просторот во новинарството и во медиумскиот дел станува се потесен за вистинските професионални новинарски стандарди, сакам да се вклучам во политичкиот живот, да препознаам, да видам како е и од другата страна, односно за оние принципи и стандарди за кои се борев и како член на ЗНМ и како професионален новинар долги години, да се обидам и од позиција во политиката, тие стандарди да се поправат“, рече Димитровски.
На седницата е донесен заклучок дека Демократскиот сојуз е подготвен за учество на парламентарните избори, при што е отворен за соработка со партии кои се за борба против криминалот, системски промени за воспоставување на владеење на правото и законите да важат за сите, правна сигурност и стабилност на државата, како и за посебна платформа за обезбедување услови младите да можат да создаваат, да творат и да обезбедат пристоен живот во Македонија.
Централниот совет одлучи да започнат активностите околу евидентирање на можни кандидати за пратеници.
Лидерот на ДС, Павле Трајанов, рече дека партијата на изборите ќе настапи или самостојно, или како групација, или во соработка со една од поголемите политички партии„Сега сме со СДСМ, ќе видиме, ќе почнат разговорите“, рече Трајанов.
