Новинарскиот еснаф бара од Владата итни субвенции за медиумите поради кризата
Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бараат од Владата да донесе итни мерки за олеснување на работата на медиумите во овој исклучително тежок период.
„Нашите првични анализи покажуваат дека се потребни интервентни мерки во насока на финансиска поткрепа на новинарите и медиумските работници. Сметаме дека тие мерки можат да одат во две насоки“, велат од двете организации.
Бараат да се доделат финансиски средства по вработен во висина на минималната плата, или сите медиуми да се ослободат од плаќање придонеси во следните два месеци. Истовремено бараат одложување од два месеци на плаќањето ДДВ кај фирмите кои се занимаваат со медиумска дејност.
„По овие два месеци ќе се направи нова проценка со цел да се утврди дали има потреба мерките да бидат продолжени. Во услови на глобална пандемија на коронавирусот ваквите мерки ќе им овозможат на медиумите полесно да го пребродат овој тежок период кој за жал со себе носи негативни економски последици. Бараме главен предуслов за користење на овие бенефиции да биде неотпуштање на вработените (новинари и медиумски работници) во периодот додека траат мерките.
Ситуацијата во која се наоѓаме длабоко го погоди и приватниот сектор, а земајќи го тоа во предвид за медиумите станува сè потешко да опстојат на пазарот бидејќи огласувачите во овој период ги намалија своите реклами од медиумите. Со ваквите мерки ќе овозможиме сигурно работно место за сите вработени во медиумскиот сектор. Така ќе се се олесни финансискиот притисок врз медиумите и новинарите кои во оваа криза имаат клучна улога за информирање на јавноста.
ЗНМ, ССНМ и другите медиумски организации стојат на располагање во овој период со цел заедничко изнаоѓање на решенија за олеснување на работата на медиумите и новинарите“, велат од ЗНМ и ССНМ.
