Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВИНАРСКА КАВГА ЗА РЕКЕТ - излегуваат интересни детали

НОВИНАРСКА КАВГА ЗА РЕКЕТ - излегуваат интересни детали

Новинарска кавга и јавна преписка се случува деновиве за случајот Рекет. Во неа, пак, можат да се прочитаат и многу интересни детали за овој случај. 

Откако новинарот Сашо Орданоски напиша колумна со наслов „Каде е нултата точка за аферата Рекет“, новинарот Бранко Героски напиша дека во неа се изречени клеветнички наводи за него и побара Орданоски нив да ги повглече, по што тој во свој стил се извини и ги повлече навредите. 

Се почна со колумната на Орданоски во која тој го постави прашањето дали ќе успее Обвинителството со ваков квалитет на докази да го убеди Судот во наводите од обвинението за Рекет? 

„Особено кога во сензационалната конструкција на целиот скандал треба доволно убедливо да се аргументира вмешаноста на Јанева? Едно патемно „Сè ќе биде О-Кеј“ и „уапсениот“ тросед ли се крунските докази? Во изминатите години, гледаме, Јанева од СЈО земала толку пари на име на редовни и дополнителни приходи, што таа би можела самата да опреми стоковна куќа за намештај – до троседот од Камчев ли ѝ дошло?!“, напиша Орданоски. 

Тој на стартот на својата колумна вели дека во петокот, неговиот драг колега кој ја покренал аферата „Рекет“, продолжил да ја авансира тезата дека, во основа, во скандалот се работи за организирана група од тројца рекетари, поврзани со соработници на премиерот (а и со самиот него), кои од бизнисменот „заглавен“ во сопствените кривично-правни проблеми, сакале, по пат на изнуда, да добијат милиони евра, а имало и други бизнисмени кои на сличен начин биле рекетирани.

„Тоа е наративот што мојот драг колега го форсира со месеци, а кој во „првиот дел“ („тројца рекетари“) го прифати и Обвинителството во својот обвинителен акт. И за мојот драг колега и за Обвинителството „нултата точка“ на случајот е моментот во кој г. Камчев им дал аудио и видео материјали со кои ја поткрепил својата кривична пријава. Обвинителството дури не беше ни заинтересирано да го подигне обвинението ОТКАКО ќе ги слушне изјавите на првообвинетите“, пишува Орданоски.

И од тогаш – наваму, продолжува новинарот, целата јавност е ставена во „тунелот“ на третирање на скандалот само низ оваа оптика. 

На ова реагираше Героски, кој наведе дека во последната колумна на г-н Сашо Орданоски се изнесени низа клеветнички наводи за неговата улога и поврзаност со аферата „Рекет“. 

„На овој текст одговорив со моја колумна на порталот Плусинфо, во која се посочени конкретните клеветнички наводи. Во мојата колумна го замолувам г-н Орданоски, како што е ред, јавно да ги повлече свооите клеветнички наводи, кои се прецизно нотирани од моја страна... Навистина не би сакал да бидам доведуван во ситуација да покренувам нови жалби пред Жалбената комисија на СЕММ и пред Судот на честа на ЗНМ“, побара Героски.

По ова, Сашо Орданоски го напиша следново извинување.

„Безрезервно се извинувам и ги повлекувам сите клевети и навреди изречени од моја страна, а детално специфицирани во списокот доставен од колегата Бранко Героски. Се надевам дека сега на мир ќе може да го проследиме судењето за аферата „Рекет“. Поздрав, Сашо Орданоски“, напиша новинарот.

А Героски, пак, во својата колумна „АФЕРА РЕКЕТ Не се двајца, Орданоски, има повеќе гуланфери“, во власта и околу неа! напиша дека во едно нешто апсолутно се согласува со неговиот драг колега Сашо Орданоски, кој предупредува дека Обвинителството ќе има тешка задача да го добие случајот „Рекет“ во своја корист.

„И јас, како и вие, би сакал да знам кој е тој „врвен државен функционер“ на кого мисли Орданоски. Како и да е, на заштитниците на ликот и делото на Катица Јанева мора да им се одаде признание за упорноста, а особено за отворената најава дека во текот на судскиот процес ќе се направат сите можни и невозможни напори (читај: притисоци) да се докаже нејзината невиност. Не затоа што чувствата кон Катица кај некои луѓе уште се „измешани“, туку од себични причини“, пишува Героски.

Овој новинар прашува дали некој конечно ќе се охрабри да одговори на прашањето дали во СЈО имало спец-каса, а ако имало – колку пари се собрале во таа каса и од кои извори, колку пари се потрошени и за што, кој раководел со касата и кој се офајдил? И второ, дали СЈО делело хонорари на свои надворешни советници – кому, за какви услуги и колкави пари? 

„Според јавното сведоштво на Зоран Заев, повторено повеќе пати, премиерот се огласува како „пријавител“ на случајот „Рекет“ и тврди дека врз основа на неговата пријава Обвинителството го покренало овој случај (најмалку еден месец пред моите први написи во јуни годинава). Според тоа, ноторна лага е тврдењето на Орданоски дека Обвинителството го прифатило мојот „наратив“ при постапувањето во овој случај. Понатаму, веројатно Орданоски нешто се збунил, или едноставно не се сеќава дека во ниту еден од моите „кики-фрики написи“ јас не ги третирав аудио и видео материјалите снимени во куќата на Камчев. Пишував за матните зделки на невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски и за рекетирањето на десетина бизнисмени. Тоа може лесно да се провери“, пишува Героски. 

И на крајот, додава дека има сознанија, а веќе има и јавни навестувања, дека досието „Рекет“ не е затворено. 

„Наводно, допрва ќе се откриваат нови, скандалозни и компромитирачки аспекти на овој случај, кои можеби нема да ја потврдат тезата на Сашо Орданоски дека Спец Катица е невина, туку ќе покажат дека и од неа има повиновни. Гуланфери, разбира се. Многу повиновни, многу повисоко во врвовите на власта“, нагласува Героски. 

Слично

Поврзани вести