Новинарот Божиновски прв го откри грабежот на канабис кој заврши во Арачиново: Вработените во Јосифово три часа биле врзани со лисици
Новинарот Зоран Божиновски, инаку познат по фан-страната Буревесник, еден ден пред синоќешната акција во Арачиново во која учествуваа над 100 полициајци и оклопни возила, откри детали за грабежот на канабис легално произведен во фабриката во валандовско Јосифово.
Синоќа Телма, но и други медиуми, објавија дека полицијата во Арачиново го бара канабисот од 2 тони и вооружената група, а Божиновски ден претходно објави дека по инцидентот во Јосифово, МВР добило пријава за тешка кражба.
„На 04.12. (петок) во Јосифово, валандовско, имало вооружен грабеж на 2 тона канабис од тамошна фабрика. Во медиумите немаше вест за ова, нема ништо ни во дневните билтени на МВР.
Украден е камион на кој се натоварени 1.500 кг обработен канабис и 500 кг необработен. Обезбедувањето на фабриката било совладано од повеќечлена разбојничка група и било врзано 3 часа со лисици. По брзината на акцијата и тивкиот влез и излез со товарот, се проценува дека разбојниците имале соработник од внатре“, објави Божиновски претходно.
МВР детали за акцијата најави денеска.
