НОВИНАРКАТА ДУКОВСКА ТВРДИ ДЕКА ТАА БИЛА НАПАДНАТА: Побара јавно извинување од медиумите
Новинарката Александра Дуковска која вчера беше обвинета за напад врз претседателот на независниот полициски синдикат Гоце Делчев, тврди дека таа била прва нападната.
Таа преку писмен допис до Телма, побара да се почитува и нејзината вистина за инцидентот со претседателот на Независниот полициски синдикат Гоце Делчев, а побара и извинување.
-Дали викање помош, помош е некаков напад или се плашите дека ќе Ви го ревидирам статусот на новинари? Од видеото се гледа дека човекот кој уредно беше снимен, пренесен со став, ме удира. Од Вас како иницијатива медиумска, а дали сте или не, тоа други нека Ве оценуваат, очекувам јавно извинување за нанесување и изнесување на клевети, наведе таа во дописот испратен до оваа телевизија.
Таа беше прозвана за предизвикување физички инцидент по кој лидерот на Независниот полициски синдикат, Делчев се пожали дека се здобил и со повреда, а објави и фотографија на која се гледа повреда на увото.
Реагираа и еснафските здруженија ЗНМ и ССНМ кои побараа институциите да ги преземат своите надлежности. Дуковска пак тврди дека поради името таа не е член на Здружението на новинари на Македонија и смета дека таа може да биде граѓански новинар.
-Со ова, исто објаснувам дека, да, веќе не можам да сум член на ЗНМ, поради името, за што тие беа уредно известени. Јас подолг период сум мета на коментари од колеги новинари или лица кои не ги познавам, но јавниот простор е отворен за граѓанско новинарство, кога медиумскиот голем простор е затворен за образовани лица. Многу работи не правите како што треба, но за жал јас имам поголеми поплаки за Вас, стои во нејзиниот допис пратен до Телма.
Инцидентот вчера се случи по прес конференцијата на Независниот полициски синдикат за несанкционирање на високо позиционирани функционери во МВР кои ги кршат работничките права на полицајците. На снимките кои беа лиферувани од Синдикатот се гледа како Дуковска оди по Гоце Делчев Тодев, му го попречува патот, а на моменти има и физички контакти и удари.
