Новинарите на МПМ на пожесток штрајк - Наместо решенија добивале закани
Штрајкот во МПМ ќе добие поголем интензитет со поддршка на , Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Штрајкувачките одбори на редакциите Вест, Утрински и Дневник решија да го зголемат времетраењето на штрајкот од 4 на 6 часа, поаради игнорантскиот однос на менаџментот кој иако уредно информиран со недели не покажа интерес за средба со синдикалните претставници.
„Во вторник, 21-ви февруари 2017 година ќе излезе 5.000 број на дневниот весник Вест. Жално е што редакцијата ќе го подготвува ова јубилејно издание од позиција на штрајк“, констатираат од ССНМ.
Се забележува дека претходните денови наместо разговори за решавање на проблемите, се засилиле притисоците врз медиумските работници со телефонски јавувања и закани со отпуштања и казнувања.
За сево ова ќе бидат информирани сите релевантни меѓународни институции затоа што правото на штрајк е уставно гарантирано право и е дел од цивилизациските придобивки на демократскиот свет.
„Решителноста на новинарите и медиумските работници во изданијата на МПМ не се намалува. Преку одбрана на нивните колективни права тие застануваат во одбрана и на демократскиот интегритет на професијата“, порачуваат од синдикатот.
