НОВИНАРИ, БИЗНИСМЕНИ, ЛЕКАРИ - јавни личности на анкети, кого ќе кандидира ВМРО-ДПМНЕ
Партиите наголемо се подготвуваат за есенските локални избори. Се прават сондажи на теренот каде со кој кандидат да се оди, со цел да се извојува победа во поделните локални самоуправи. Скопје, во сите калкулации, и за власта и за опозицијата, е таканаречената „главна премија“.
Според сознанија на Фактор, најголемата опозициска партија деновиве го испитува пулсот на граѓаните во глвниот град, кого да кандидира за прв човек на метрополта, но и за пооделните скопски општини.
Се проверува популарноста на неколку имиња, а сите тие се споредуваат со актуелниот градоначалник Петре Шилегов, за кого е извесно дека ќе трча и за втор мандат во главниот град.
Ангажираната агенција за мерење на рејтингот, како што се дознава, ги прашува анкетираните граѓани какво мислење имаат, меѓу другите, и за фронтменот на порталот Off.net, Сашо Мацановски Трендо, поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, новинарот од Алфа Телевизија, Горан Момироски, лекарите Борче Георгиевски и Живко Попов, како и првиот човек на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Скопје, Влдимир Нелоски.
Се претпоставува дека меѓу овие имиња треба да се бара противкандидатот на Шилегов во главниот град, но и веројатно кандидати за некои од скопските општини.
Паралелно, владејачката СДСМ засилено се подготвува за изборното соочување. Заклучно со вечерва на полноќ завршува постапката за самокандидирање внатре во партијата, а истовремено тече и рокот за предлагање кандидати од месните одбори.
Речиси е извесно дека сите 57 актуелни градоначалници ќе сакаат да ја добијат партиската номинација за уште еден мандат.
Веќе е дефинитивно потврдена кандидатурата на Перо Костадинов за нов мандат за градоначалник на Валандово.
За останатите кандидати лидерот Заев најави дека ќе бидат обзнанети кон крајот на јули или почетокот на август.
Лидерот Заев неодамна спомена дека негови фаворити се, покрај Перо Костадинов, и градоначалниците на Дојран, на Богданци, Демир Капија, Конче, Кочани, новиот градоначалник на Штип, Старо Нагоричани, Крушево, како и Маврово Ростуше.
И дел од скопските градоначалници најавиле дека ќе ја бараат поддршката од партијата за уште една кандидатура.
Н.Н.Ф.
