НОВИ ТЕНЗИИ ВО СОБРАНИЕТО: Пратеници застанаа пред бирото на Арта Биљали-Зендели
На денешната седница на Комисијата за европски прашања имаше тензии. Координаторот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, реагираше затоа што потпретседателката Арта Биљали-Зендели кажа дека дневниот ред е усвоен, а тие тврдат дека не се гласало за него. Според Мицевски, целта на пратениците од СДСМ и ДУИ е да донесат измени на законот за продолжување на мандатите на судиите обвинителите.
„Не може да сметате дека расправата почнала вчера бидејќи вчера имавме расправа за утврдување на дневниот ред, кој уште не е отворен. По утврдување на тоа, по отворање на точката, што сакате сега да го направите, Деловникот вика дека расправа по закон трае два дена. Закон за кој ние имаме 380 амандмани. До мене дојде еден документ, кој сега ќе го прочитам, а медиумите добро да внимаваат и да видат дали се тоа зборовите што ќе ги каже претседателката на Комисијата: „Нема да се води претрес по амандманите бидејќи, според Деловникот, истече рокот од најмногу два дена за водење претрес по амандманите“. Потпретседателката, по глумење функционирање и работа на оваа Комисија, планира ова да го прочита. Денеска, до крајот на денот, законот ќе се обидат да го донесат, а е селективен за судиите и обвинителите“, рече Мицевски.
Пратениците треба да расправаат за 380 амандмани. Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ застана пред бирото на Биљали-Зендели, а по неа дојдоа и другите пратеници од опозицијата. Биљали-Зендели кажа дека не се плаши и дека народот гледа што се случува. Колегите од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека не ја плашат, туку сакаат да даде процедурало да се обратат.
„Дневниот ред вчера е изгласан пред неизбежниот скандал во салата. По констатацијата дека дневниот ред е изгласан, беше утврдено во оваа сала во 10 часот вечерта. За жал, велите глумење, а имате сценарио како ќе ја завршам седницава. Јас не работам по сценарија. А ми потврдивте дека вчерашниот скандал беше монтиран и исцениран. Сè знаевте, некогаш не е толку битна последицата, туку причината“, вели Биљали-Зендели.
Потпретседателката на Комисијата за европски прашања отвори претрес по амандманите, без да му даде процедурално обраќање на координаторот Мицевски.
Ова е второ продолжение на Комисијата за европски прашања по вчерашната тепачка, кога Арбер Адеми маваше по пратениците со шише, и филџан за кафе.
Многу медиуми од регионот ја пренесоа веста за инцидентот кој вчера се случи во Собранието.
фото Принтскрин
