Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВИ РОКОВИ ЗА ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ДРЖАВНО ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ – Во Собранието доставен уште еден предлог за промена на законот?!

НОВИ РОКОВИ ЗА ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ДРЖАВНО ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ – Во Собранието доставен уште еден предлог за промена на законот?!

Тројца пратеници од партијата Алијанса на Албанците доставија предлог за промена на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост во Собранието на Македонија.

Атнан Незири, Хилил Снопче и Илире Даути се потпишани на предлог измените со кои бараат продолжување на роковите за корисниците на градежно земјиште кои  не поднеле барање за приватизација на градежно земјиште до 31 декември 2021 година. Барањето согласно одредбите на законот ќе може да го поднесат од денот на влегување во сила на овој закон. Дополнително со измените се менува и рокот за поднесување на барање за приватизација, кој ќе стане неограничен ако се изгласаат измените.

Како што појаснуваат предлагачите, со првиот законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост можност за стекнување право на сопственост на градежното земјиште на физичките и правни лица беше изводливо ако имаа поднесено барања за приватизација што било овозможено до 31 декември 2021 година. Појаснуваат дека потоа се прават измени на одредбите кои се однесуваат на закуп на градежно земјиште во државна сопственост кои се применуваат од 1 јануари 2022 година.

-  Со одредбите од постојниот закон закупот на корисниците на градежното земјиште не им го овозможува остварувањето на правото на градење или други права кои произлегуваат од Законот за градежно земјиште и Законот за градење, туку се однесуваат за неприватизираното градежно изградено земјиште, за кое корисниците со поднесеното барање за воспоставување на закуп ќе им се воспостави закуп по службена должност и ќе имаат обврска да плаќаат надомест, односно закупнина за користењето на градежното земјиште во државна сопственост без никакви други права на градежното земјиште – се наведува во предлог измените доставени го Собранието.

Предлагачите посочуваат дека и по 16 месеци од истекот на законскиот рок за поднесување на барања за приватизација (31декември 2021 година) за воспоставувањето на закуп на градежното земјиште во државна сопственост, не постои интерес од страна на граѓаните, за кои воспоставувањето на закупот преставува исклучиво можност за приватизација по воспоставувањето на закупот.

-  Поради тоа се наметнува потребата за изменување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во насока на бришење на рокот за поднесување на барања за приватизација и создавање непречена можност корисниците на градежното земјиште да го приватизираат градежно земјиште во државна сопственост и воедно со предложениот закон се укинува закупот – се потенцира во образложението.

Предлагачите посочуваат дека предложените законски решенија се во насока рокот за поднесување на барањата за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост да биде неограничен и воедно се предлага да се избришат законските одредби кои се однесуваат на воспоставување на закуп по службена должност, или по барање на сопственикот на објектот кој нема стекнато право на сопственост на градежното земјиште во државна сопственост на кое е изграден објектот.

-  Со предложените измени и дополнувања на законот се создава законски основ корисниците на градежно земјиште во државна сопственост кои не поднеле барање за приватизација во предвидениот законски рок да имаат можност ова право да го користат постојано односно да не е ограничен во законски рок како во досегашните законски решенија. Со овие законски решенија се предвидува и укинување на закупот кој се воспоставува на градежно изградено земјиште во државна сопственост, доколку не е поднесено барање за приватизација на истото во законски утврдениот рок 31.12.2021 година – се појаснува во законското решение доставено во Собранието.

Предлагачите бараат измените да се донесат по скратена постапка, бидејќи како што наведуваат, не се работи за обемен и сложен закон. Инаку од редовите на Алијанса за Албанците, по влегување во владината коалиција е и министерот за правда, Кренар Лога.

П.О. 

Слично

Поврзани вести