Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нови игри со кандидатурите на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ

Нови игри со кандидатурите на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ

Од авион е видливо дека се прават напори најавениот вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во најмала рака да помине во влошена атмосфера со испливување на површина на сите меѓупартиски поделби, а во краен случај истиот и да се одложи или пак да заврши без афирмативен избор на нов лидер кој треба да го наследи Никола Груевски.

Јовица Страшевски, речиси анонимен кадар на ВМРО-ДПМНЕ, излезе пред медиумите со тврдење дека ги собрал минималните 30 потписи од делагатите со што му се гарантира кандидатурата за избор на нов претседател на партијата, но истата нема да ја поднесе бидејќи не сакал дополнително да придонесува во расколот.

Според Страшевски најдобра опција сега е да се оди со само еден кандидат зад кој ќе се обедини мнозинството од делегатите на Конгресот како и повеќето членови на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се поднесат повеќе кандидатури кои ќе доведат до расцепкување на гласовите. 

„Со оглед на новонастанатите состојби во партијата и со покренатата иницијатива за одложување на конгресот, која лично не ја поддржувам, јас собрав 33 потписи како моја кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Лично посетив дел од општинските и месните комитети низ државата, чесно и легално, сакам да се заблагодарам на целиот мој тим кој ми даде поддршка да ги собереме потребните потписи и легитимно да излеземе на конгресот. Со оглед дека се покренува една иницијатива која за мене не е добра, не води кон добро во партијата, води кон раскол на партијата, јас кажав дека е доста од се и повикав на обединување. Доколку сите кандидати излезеа и се пријавија на овој конгрес, гласовите ќе беа разделени и расцепкани и секој имавме подеднакви шанси да настапиме. Со оглед на тоа дека другите кандидати се откажаа, јас во интерес на партијата во која членувам долги години, во интерес на единството, во интерес на слогата и во интерес ВМРО-ДПМНЕ да излезе посилна и да победи на следните предвремени парламентарни избори кои се надевам дека ќе бидат наскоро, давам поддршка Конгресот да се одржи“, вели Страшевски.

И понатаму се чини дека членството или барем кога се во прашање делегатите на претстојниот Конгрес најголема поддршка даваат за Христијан Мицкоски кој потврди дека ќе се кандидира за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Никогаш, никогаш нема да се откажеме”, велеше Черчил. И така е. Во минатиот период Република Македонија поминува низ сериозна бура, пропратена со сериозни предизвици, на економски, политички, општествен план. Македонија е зафатена од перманентна политичка криза, чиј крај не се надзира, економија која е на стаклени нозе, мало стопанство кое е во фаза на клиничка смрт, здравство за кое во јавноста се зборува само кога се бележат уништени човечки животи, млади кои немаат надеж, култура во која поделбите и рушењето стануваат главен императив, на сметка на дадените ветувања кои не се исполнуваат. Погледнете, во општеството не се говори за реалните проблеми, за економијата, за концепти кои ќе ја однесат државата напред, но затоа власта се пресметува со опозицијата, политичкиот реваншизам станува алфа и омега на политичкото делување. А граѓаните бараат излез. Главното прашање кое пристигнува овие денови до мене е што сега? Во изминатиот период голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, членови на партиската структура, членови на општинските и месните комитети, но и огромен број на обични граѓани ми изразија поддршка и охрабрување да превземам чекор. И јас, со чиста мисла, со голема верба, и со отворено срце ќе ја прифатам одговорноста да поднесам кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се избере на 16тиот конгрес во Валандово. Ова за мене лично е една од најсериозните одлуки во животот, целосно разбирајќи ја тежината, честа, но и одговорноста да се води партијата која е вградена во кодот на македонецот и македонската држава и која ќе остане еден од главните темели на нашата татковина. Никогаш во животот не сум бегал од предизвици, а овој, можеби е мојот најголем, и јас тој го прифаќам. Како човек можев да одберам да останам професор на мојот факултет, или пак да продолжам да работам и творам во научната област каде имам долгогодишен минат труд, но како граѓанин на оваа земја не можам да останам рамнодушен на болното секојдневие на македонскиот граѓанин, на неговите реални потреби. Човек не е среќен кога секојдневието е исполнето со несигурност и нестабилност, кога земјата која толку многу ја сакаш оди во погрешна насока. Кога пријателите, соседите, обичните граѓани ги живеат заедничките проблеми. И затоа време е за одлуки, јас цврсто верувам дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор кој ги има одговорите кои Македонија ќе ја направат попресперитетна, напредна, угледна, достојно место за живот кое ќе понуди сигурност и посветла иднина за секого. А ВМРО-ДПМНЕ како и за многу мои сопартијци е нашата младост, нашиот дом, а нејзините идеи, наши водилки. Мојата кандидатура е широко понудена рака за секој еден кој сака да биде дел од тимот кој ќе ја создава визијата и ќе го реализира сонот за победничка и економски напредна Македонија. Јас имам план. За нова надеж за нашата татковина, силна и достоинствена“, напиша Мицкоски во обраќањето на социјалните мрежи.

Претходно од трката за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ се откажа Илија Димовски кој имаше поддршка од дел од пратениците во Собранието. Исто така големи критики кон Груевски продолжува да упатува Филип Петровски обвинувајќи дека Конгресот е наместен, дека партијата се води во пропаст за лични интереси и дека не се слушаат барањата на членството.

„Му собраа над 200 делегати, и со "чиста" мисла ќе си поднел кандидатура во пет минути до 15:00 часот. Пфффф, Бескрајно лицимерие. А, му кажаа ли дека и му собраа му поднесоа кандидатура на кандидатот - марионета?! Продолжуваат со понижувањето на чесните членови...Фактурата ќе биде голема. Многу поголема од оваа на локалните“ напиша Петровски на социјалните мрежи.

Останува неизвесно што ќе преземат сите незадоволни членови во наредниот период, дали ќе го бојкотираат Конгресот или ќе бараат негово поништување. Секако, постои опција и за нивно внатрешно маргинализирање во редовите на ВМРО-ДПМНЕ доколку не се согласат да застанат зад изборот на новиот лидер без оглед кој ќе биде тој.

Слично

Поврзани вести